Македонската традиција, песна, култура… 

Македонската песна и игра го прослави нашиот народ во цел Свет. Нема Македонец што не знае да игра и да пее. Сум интерпретирал многу стари македонски песни од ризницата на македонската култура. Еден од мотивите за пеење ми е и зачувување на стари македонски песни. Горд сум што ја снимив песната „Димовице ќеаице“, затоа што веќе беше подзаборавена и немаше тонски или пишан запис. Се работи за песна испеана по  повод убивството на таткото на најголемиот македонски деец Димитрија Чуповски. Димитрија се раѓа како посмртче и по традицијата на мијаците, на дете кое се раѓа по смртта на таткото, на синот се става истото име. Исто така успеав да ја истражам и првата песна на македонски јазик зачувана на тонски запис во 1900 година од страна на алжирецот Леон Авзолај на восочен цилиндар. Димитри Кучков од село Кожле ја пее песната „Песна за Стојан војвода“,  на таа песна создадовме музика и направивме безвременски дует после 122 години. Современиот запис на дуетот помеѓу Димитри Кучков и Вело Марковски може да се чуе на видеото.

Страствен вљубеник сум на македонскиот пишан збор. Автор сум на збирка раскази со наслов „Приказните на татко ми“ и збирка поезија со наслов „Песни и писма од Малата куќа“. Десетина други песни имам објавено на електронските медиуми. Од мојата поезија ќе ја издвојам песната:

НА СЕДЛЕНЦЕ  ПАПРАДОВ ЦВЕТ

Од долните маала од Даневци

Прав нагоре, половина саат ти треба

Како да се качуваш по скала со илјада прага

Седнуваш да одмориш да собереш снага

Пред ридот застануваш простум

Се поклонуваш а не знаеш зошто

Можеби затоа што Папрадиште ни го брани

Или пак Звездово ридот го чува од врани

Од седленце до Гарван и Чеплески реки

Како тепсија рамно, папрат преку глава и смреки

Горе се Чеплес, Бабина рупа и Солунска глава

Во кртелот мечки, диви кози и рис со слава

Ме страв од мечки, ми велиш

Не плаши се од нив, не се како нас

Тие само запишуваат колку елени и диви кози

Сме убиле онака, од забава, со слас

Под нас е целото село, Свети Петар и Павле

Чиниш на плоштад во некоја метропола си дојден

Подалеку Маркова чешма, Јасики и од дрво клен

Дворецот на Персеј за одмор направен

Ти сѐ ми веруваш, те прашав

Пиејќи изворска вода со букова чаша

Да, а каде би одмарал големиот, кралот

Ако не тука во зеленилово во рајот

Погоре се Горни нивје и Сланик

Крстосница ама и бедем, браник

Лево Мукос се гледа, котлина на планина, што ли крие

Да одиме ми викаш, да видиме ние

Во рамноно на Бабуна Богомила се свила

Светот се исплаши од нејзината сила

Се собраа, се здружија и исток и запад

На крстјаните, богумили, им зададоа смртен напад

Свети Илија од Капиново нè гледа

Мирно е, само понекогаш на Хера сенката бледа

Поминува да види дали Зевс спие

Или ќе се рабуди и пак, со молњи ќе казнува и бие

Во Шерјосконо грозд јаболки црвени

Ти носам две, што се смееш? се чудиш

Есен е, а ти само црвенило нудиш

Образите твои, шалот и шипките што ги береш

И, види капки крв од прстот твој

Паднале на папрадов есенски мој

Те боли ли, те прашувам целиот збунет. Прв?

Како да се радувам, како да не сум видел досега крв

Не ме боли, така сакав, стратегија е тоа и наука 

Да обележам, да оставам и јас траг тука

Мојата крв и мојот чуван свет

Ќе (ти) го дадат најубавиот папрадов цвет

Скопје 5.4.2021    Вело Марковски