Мојата мисија

Вечната борба на нашиот македонски народ во справување со светските предизвици како што се човекови права, болести, војни, корупција, лажни вести итн., ме мотивираат да се вклучам во широка општествена активност.
Секој патриот си ја сака татковината. И секој граѓанин е патриот. Затоа не може да седиме и да гледаме како Македонија ни тоне во хаос. Болното здравство ги зема животите на нашите луѓе. Корупцијата ги брка младите надвор од државата. Со лажните вести ни ја уништуваат самосвеста, а незнаењето, безидејноста и алчноста на политичките елити го турна народот во колективна депресија.
Вредности за кои се залагам
Македонија мора да се етаблира во свестките токови како Држава со самосвесна внатрешна и надворешна политика во интерес на сите македонски граѓани. Македонскиот народ мора да се ослободи од партиското ропство кое го спроведуваат функционерите кои не се способни на луѓето да им понудат чесен граѓански концепт на почитување на нивните економски, здравствени и политички права.
Внатрешна политика
Во изминативе децении (не навлегувајќи во причините и виновниците) имаме постојан пад на сите ситеми кои се основен предуслов за напредок на едно општество. Во сите сфери одиме назад; во судството, образованието, индустријата, енергетиката, здравството, земјоделието, ги изместуваме моралните вредности. Крајниот исход е чувство на несигурност, безизлезност, страв, вознемиреност….
Во нашиот политички систем доминираат поединци во рамките на една партија. Во моменти кога таа партија е на власт, од волјата и способноста на еден човек зависи сè. Ваквата поставеност на досегашните владејачки партии доведе до постојана негативна селекција на кадри, барање на послушници и идолопоклоници како основен критериум за доделување на некоја функција. Партизацијата на државата е најголемиот проблем за нас. Вистинска внатрепартиска демократија е единствен излез. Мораме да излеземе од вртлогот кој нè влече надоле со поставување на кадри според разни негативни практики. Поставување на функционери мора да биде по услов да е способен, да е одговорен и да си ја сака државата. Извршната власт стана доминантна и единствена одлучувачка (најчесто целата извршна власт се поставува според желбите, договорите, намерите…на премиерот или зависи од коалициониот партнер). Судската власт стана целосно зависна и контролирана од извршната власт.
Надворешна политика
Македонија е дел од Европа, од планетата Земја, која е дел од нашата галаксија и е составен дел на универзумот. Грижата за природата, животните и животот во сите облици, користење на енергија исклучително од обновливи извори е придонес за непречено функционирање на универзумот. Хидроцентрали, хидрогенски централи и атомски централи се перспективата за извор на енергија и наша обврска за заштита на планетата Земја од глобално затоплување и пореметувања кои можат да го загрозат човековото постоење во галаксијата и универзумот.
Демократија и демократски односи не значи наметнување на демократски вредности какви што владеат кај посилните или побогатите. Вистинска демократија нема да наметнува својот начин на функционирање и на демократски правила врз другите држави. Македонија е мала држава и треба да влегува во сојузи кои нема да и наметнуваат правила на игра, начин на размислување, начин на организација на општетвото, уште помалку да се одрекува од делови од своето постоење или државен интегритет. Разликите, сè додека придонесуваат во напредокот на човештвото се богатство кое треба да се негува. Едноличноста и истоветноста на функционирање на целиот свет води до регресија и назадување.
Денес, кога имаме држава, не смееме да дозволиме да биде загрозен опстанокот на државата и македонскиот народ како носител на државотворноста, не смееме да дозволиме Македонија да влезе во сојузи со недемократски принципи. Во историјата секогаш сме биле на страната со прогресивните, хумани сили. Во тек на повеќемилениумското постоење се стекнавме со многу пријатели, но и со многу непријатели кои сè уште не можат да ни ги заборават успешните периоди како и негување и ширење на вистински вредности во периодот кога Македонија беше светска велесила.
Политиката на еквидистанца која ја практикувавме од осамостојувањето до денес се покажа како многу погрешна. Таа политика не е добра за мали држави. Денес мораме да се определиме и да побараме вистинско пријателство, да видиме кои држави ни биле или можат да ни бидат вистински пријатели. Исто така, мораме да ги лоцираме и нашите непријатели и да ги анализираме причините за таков непријателски однос. Сервилен, вазалски однос на раководствата на нашата држава се недозволиви и мора да бидат осудени. Само со љубов и самопочит кон татковината и нашето минато можеме да се надеваме на светла иднина.
Здравство и здравствен систем

Здравството е еден од системите кој се распаѓа. Децениско непринципиелно поставување на партиски министри кои понекогаш не ги исполнуваат основните услови за успешно функционирање, наметнување на своја себична политика во здравство како единствена исправна, без концепција, со политизирање на здравството до најситните пори, доведоа до хаотична состојба. Создавање на една широко прифатлива повеќепартиска и широко општествена платформа за излез од здравствената криза е надежно решение. Запирање на егзодусот на лекари и здравствени работници е приоритет. Квалитет во образованието на здравствените кадри. Раководните функции во здравство да ги држат способни кадри. Грижата за здравјето на луѓето е приоритет на секое општество. Мораме да вложиме многу во превентивата. Мораме да имаме свои државни експертски тимови во сите области.
Слепото верување на наметнати доктрини како што беше со КОВИД 19 пандемијата нè чинеше прескапо (над 17.000 предвремено умрени, а за 2 години и околу 2 милјарди евра потрошени народни пари). Прифатениот вакцинален календар по теркот на други држави носи огромно незадоволство, губење на доверба во исправноста на вакцините. Мораме да создадеме свој тим кој ќе наметне наша доктрина (која треба да биде блиска со доктрината на ЕУ) со која ќе се контролира исправноста, оправданоста и времето кога треба да се дава една вакцина.