Визија за Претседател

Претседателот на државата е маргинализиран.

Затоа ни е потребно народот да избере одговорен и способен Претседател кој ќе биде независен од политичките партии и нивните претседатели.

Последниве децении влеговме во еден недемократски процес во кој сите процеси во државата зависи од 3-4 поединци, кои се на функција претседател на голема партија. Составот на парламентот, владата, функционерите и Претседателот на државата се бира исклучиво по воља на претседателот на партијата. Тоа не е демократски.

Претседател на државата кој е избран најпрвин од претседателот на партијата, а потоа од партиски гласачи, во старт е со минимизирана улога и е во подредена состојба. Многу често Претседателот на државата во досегашниов период повеќе внимава да биде на линија со партиската политика отколку со интересите на државата. 

Претседателот на државата мора да биде столб на одбрана на државните интереси, столб на одбрана на демократските вредности во општеството, и заштитник на правата и независното функционирање на останатите столбови, а тоа се Парламентот и Судскиот систем. Претседател избран од граѓаните, од народот има целосен легитимитет да биде коректор на политиката на владата особено во доменот на областите определени со Уставот.

Политичките партии нека си избираат премиер, министри и функционери. Претседателот треба да го бира народот. И затоа е добро да се избере независен кандидат.

Независен кандидат за Претседател поддржан од народот е добра можност за обединување  и функционирање на државата. Функционална држава е потребна за сите. Очекувам поддршка од сите граѓани без разлика на партиската определба.

Ќе прифатам поддршка од сите освен од поединци и партии кои макар и со една изјава го негирале повеќемилениумското постоење на македонскиот народ, македонската нација, македонскиот јазик.

Јас сум православен христијанин. Ја знам, ја почитувам и благодарен сум на Македонска православна црква- Охридката архиепископија во борбата на македонскиот народ и зачувување на македонскиот јазик, особено во средниот век. Сметам дека добри Македонци се и припадниците на другите религии. Македонците муслимани се нераздвоен дел од македонското ткиво. Сите граѓани со своја религија и коишто на свој начин го слават бога се добри граѓани сè додека веруваат во религии во кои човекот, хуманоста, грижата за природата и животот во сите облици се во центарот на тие религии. Македонија нема да биде успешна ако максимално не се залагаат сите: и православни христијани, и муслимани, и католици, евангелисти, протестанти… и ако сите подеднакво не си ја сакаат татковината, не си ја сакаат Македонија.